Уапсен екс-претседателот на Грузија Михаил Сакашвили

Поранешниот грузиски претседател Михаил Сакашвили по кого грузиските власти распишаа потерница и кој претходно денес изјави дека по осум години се вратил во својата земја, е уапсен во градот Батуми, соопшти грузискиот премиер Иракли Гарибашвили.

„Сакам да ги информирам нашите граѓани дека поранешниот претседател на Грузија Михаил Сакашвили по кого е распишана потерница е приведен“, соопшти Гарибашвили, пренесува ТАСС.

Сакашвили претходно денес на својот фејсбук профил напиша дека се вратил во Грузија по осум години и потсети дека во неговата земја му се заканува апсење.

Поранешниот претседател во понеделникот кажа дека купил авионски билет за Тбилиси за да присуствува на локалните избори, а подоцна фотографии од неговите резервирани билети беа објавени на интернет.

Тој објави и видео снимка на која тврди дека се наоѓа во Батуми.

Грузиските власти повеќе пати соопштија дека веднаш ќе го уапсат по неговото пристигнување.

Сакашвили беше претседател на Грузија од јануари 2004 до ноември 2013 година, кога ја напушти земјата неколку дена пред истекот на мандатот.

Веднаш потоа четири кривични постапки беа отворено против него, од кои до сега е осуден за две, а тој тврди дека сите обвиненија против него се политички мотивирани.

Во јануари 2018 година градскиот суд во Тбилиси го осуди Сакашвили во отсуство на три години затвор во случајот на убиството на службеник на Грузиската обединета банка. Во јуни 2018 година истиот суд го осуди на шест години затвор во случајот за нападот врз пратеникот Валериј Гелашвили во 2005 година, пишува ТАСС.