Полицијата уапсила Германец од скопско Орланци, кој шверцувал мигранти од Иран, информираше МВР.
Според полицијата, шверцерот бил уапсен вчера кај Неготино. Полициска патрола на автопатот Скопје-Гевгелија, на делницата од Неготино до Гевгелија поставила заседа за две возила за кои имало сознанија дека превезуваат мигранти. Станува збор за „опел зафира“ и „бмв“ и двата автомобили со скопски регистарски ознаки.
Полицајците им дале знак да сопрат, но возачите не застанале. „Опелот“ продолжил кон Граничниот премин Богородица и набргу потоа удрил во метален столб. Возачот избегал од местото, но околу 22 часот бил пронајден и уапсен. По приведувањето било утврдено дека станува збор за Е.Ј.(25) од Германија, а со место на живеење во скопско Орланци. Во „опелот“, пак, биле пронајдени девет мигранти од Иран.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.