Грчката полиција го приведе 19-годишниот хрватски државјанин Домагој Пезер осомничен за убиство на 22-годишниот навивач на АЕК во понеделникот во Атина пред мечот меѓу АЕК и Динамо кој беше откажан заради трагедијата.
Грчките медиуми известуваат дека Пезер се обидел да ја напушти Грција, но бил запрен на граничниот премин Какавија со Албанија. Пезер е уапсен и сослушан, и се очекува набрзо да биде префрлен во Атина каде што ќе биде извршено главното испрашување.
Весникот Eeleftherostypos, повикувајќи се на полициски извори, наведува дека на граничниот премин Какавија биле уапсени десет хрватски државјани, а уште седум се уапсени на Евзони. Во комбето во кое патувале биле пронајдени ножеви и палки.
Во Атина во понеделникот вечерte се судрија навивачите на Динамо Загреб и АЕК пред мечот што двата тима требаше да го одиграат во рамките на третото елиминациско коло од Лигата на шампионите. Освен убиениот Грк, кој повеќепати бил прободен, уште осум лица се повредени, а околу 100 хрватски хулигани се уапсени.
Начелникот на штабот на грчката полиција ќе покрене истрага заради неуспехот на силите за безбедност на национално ниво да ги спречат хулиганите на Динамо Загреб да допатуваат во Атина, иако имаа таква забрана од УЕФА, и предупредување од хрватските власти.