Белоруски опозиционер кој беше противник на претседателот Александар Лукашенко на претседателските избори во 2020 година, е уапсен, соопшти неговиот тим.
Андреј Дмитриев (41), активист кој води социјално движење против Лукашенко, бил приведен синоќа од полицијата во Минск. Се уште не е познато зошто е во притвор.
Белоруските власти не го коментираа неговото притворање.
На изборите во 2020 година, за кои опозицијата тврди дека биле наместени, Дмитриев беше четврт со освоени 1,2 отсто од гласовите, покажуваат официјалните податоци.
Поддржувачите на опозицијата излегоа на улиците неколку недели по изборите во август 2020 година, но наидоа на силен отпор од безбедносните структури.
Групите за човекови права проценуваат дека во белоруските затвори има околу 1.500 политички затвореници како резултат на задушувањето на протестите.