Усапсен е маж осомничен за посредување во убиството на познатата малтешка новинарка која истражуваше копрупција во владата Дафне Каруана Галиција, соопштија во вторникот полициски извори истакнувајќи дека тоа би можело да претставува голем напредок во истрагата.
Се верува дека посредникот го поврзал лицето осомничено дека го нарачал убиството на новинарката со мажите кои се обвинети за нејзиното убиство, како и со оние кои ја набавиле експлозивната направа користена во убиството.
Весникот Times of Malta во вторникот пренесува дека владата ја разгледува можноста за помилување, доколку посредникот ја доведе истрагата до организаторите на убиството на Галиција.
Полициски извор со директни сознанија за апсењето, рекол дека лицето било уапсено уште во четвртокот во рамките на посебна истрага. Весникот Times of Malta пренесува дека експерти од Еуропол учествувале во собирањето докази кои ги поседувал осомничениот посредник.
Галиција беше убиена во октомври 2017 година, со автомобил-бомба додека го напуштала својот дом во близина на главниот град Валета. Ова убиство ја шокираше Европската унија и го отвори прашањето за владеењето на законите во оваа островска медитеранска држава.
Тројца мажи, за кои постојат сомневања дека го извршиле убиството, беа уапсени во декември 2017-та. Премиерот Џозеф Мускат во неделата изјави дека ја сака целосната вистина за ова убиство, дури и доколку тоа би значело дека владата мора да донесе „тешки одлуки“.