Уапсен осомничен за пукање на опело пред црква во Лондон

Дваесет идвегодишен маж е уапсен под сомневање дека во саботата отворил оган врз учесниците на заупокоената литургија пред црква во Лондон, ранувајќи шест лица, под кои две деца, извести во понеделникот полицијата на британската престолнина.

Осомничениот пукал од автомобил во движење, според првичните резултатите од истрагата, по опелото за мајка и ќерка кои починале во ноември. Луѓето се собрале пред црквата на свети Алојсиј, во централниот лондонски кварт Јустон, по литургијата, кога напаѓачот отворил оган.

Меѓу шестмината ранети е и седумгодишно девојченце коешто во понеделникот сѐ уште било во болница во критична но стабилна состојба.

Мажот бил уапсен во неделата и одреден му е притвор, под сомневање за обид за убиство, соопшти лондонската полиција.

Свештеникот Џереми Труд изјавил за медиумите дека служел литургија за 20-годишната Сара Санчез и нејзината 50-годишна мајка Фресија Калдеронт кои во ноември починале за неполн месец, првата од леукемија а втората од тромбоза, откако се вратила од пат во Колумбија.

На литургијата присуствувале повеќе од 300 луѓе, а одеднаш се слушнале силни истрели, рекол за BBC свештеникот Труд.

Дневниот весник The Daily Telegraph пишува дека поранешниот сопруг на Фресија Калдерон, Карлос Артур Санчез-Коронадо, таткото на Сара Санчез, во 2009 година е ставен во затвор во Велика Британија откако бил обвинет за перење пари за лондонска наркобанда поврзана со познатиот колумбиски картел Кали.

Британската полиција во акциите против таа банда запленила милиони фунти во готовина, кокаин и марихуана во вредност од околу 100 милиони фунти, речиси 113 милиони евра.