Уапсен осомничен за убиството во „Шиша бар“

Денеска (08.08.2023) во Скопје, на подрачје на Гази Баба, полициски службеници од СВР Скопје во содејство со САЕ „Тигар“ и Секторот за меѓународна полициска соработка- Отсек потраги извршија претрес на дом и го приведоа Г.М. (31) од Скопје, кој бил баран со потерница од надлежното обвинителство во врска со убиството во кафе бар „Албум Шиша“ во Скопје на 06.03.2023, соопштија од МВР.

„Г.М. е задржан во полициска станица и против него до ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава по брза постапка за извршенo кривичнo делo „помагање” по чл. 24 од КЗ во врска со кривично дело „убиство“ по член 123 од КЗ, извршени на ден 06.03.2023. ГМ. е предаден на ОЈО за натамошна постапка“.

Осомничениот 31-годишен скопјанец, на 18 февруари во Косово, со умисла помогнал во извршување на кривично дело, така што со своите дејствија ставил на располагање средства за извршување на кривичното дело, односно учествувал во купопродажба на автомобил кој подоцна на 6 март бил искористен за извршување на кривичното дело убиство во кафе бар на улица „Самоилова“ во Скопје, се наведува во соопштението на Основното јавно обвинителство Скопје.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, постои основан страв дека тој ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело или ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци, соучесници или прикривачи и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.