Пакистанските безбедносни сили го привеле во вторникот и го извеле пред Високиот суд во Исламабад поранешниот премиер Имран Кан, потврдија за медиумите неговите соработници.
Медиумската мрежа GeoTV објави дека Кан е уапсен поради наводна вмешаност во корупциски случај.
Агенцијата Reuters оценува дека станува збор за драматичен потег кој може да предизвика безредија во земјата којашто поседува нуклеарно оружје.
Според снимките кои ги објави партијата на Кан – Техрик-е-Инсаф (PTI) поголем број припадници на полицијата во опрема за сузбивање безредија го зграпчиле сега опозицискиот челник и итно го одвеле со полициско комбе.
Фавад Чаудри, соработник на поранешниот премиер, изјави дека полициските сили ги „нападнале“ просториите на судот.
Случајот на корупција е еден од повеќе од 100-те случаи наведувани против Кан откако е соборен од власт, по четиригодишниот мандат, со гласање во парламентот во април минатата 2022 година, за што тој ги обвинува САД поради неговото приближување со Кина.
Во повеќето постапки, доколку биде осуден, на Кан му се заканува и забрана за вршење јавни должности. Тоа би претставувало голем за некогашната ѕвезда на пакистанскиот крикет кој влезе во политиката, имајќи предвид дека за ноември се закажани општи избори
Мандатот на Кан меѓу 2018 и 2022 година беше поткопан од економскиот пад, а критичарите го обвинуваа за големо ограничување на медиумите и произволни апсења на политичките противници. Меѓутоа, неговата популарност повторно порасна последниот период.