По налог на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција (SPAK), доцна попладнето во саботата уапсен е вршителот на должноста градоначалник на општина Химара, Јорго Горо, под обвинение за злоупотреба на службената положба.
Судија на претходна постапка му одредил притвор, а на три лица одговорни во секторот урбанизам мерка домашен притвор. Едно лице е во бегство.
Горо интервенирал во отуѓување државно земјиште да биде дадено на трети лица за потоа тие да имаат корист од статусот на стратешки инвеститор.
„Горо, меѓу другото, дозволил во два случаи околу 11 илјади квадратни метри земјиште кое било во државна сопственост во Дерми едно од најубавите приморски места, со фалсификувани документи да биде запишано како сопственост на лица како стратешки инвеститори“, пренесуваат албанските медиуми.
Како кандидат на Социјалистичката партија, тој, беше избран за градоначалник на Химара во три последователни мандата, а изгуби од Фреди Белери на изборите во 2019 и на 14-ти мај минатата година.
Откако неговиот противкандидат Фреди Белери беше уапсен два дена пред локалните избори, под обвинение дека купил осум гласа за сума од 40 илјади леки, кривично дело за кое е осуден на две години затвор, Горо стана привремен градоначалник.