Уапсен Швајцарец за обезглавувањето на две скандинавски туристки во Мароко

Швајцарец со привремен престој во Мароко е уапсен во саботата во Маракеш под сомнение дека е поврзан со осомничените за неодамнешното убиство на две скандинавски туристки на југот од земјата, соопшти Централното биро за судски истраги (BCIJ).

Со истрагата е утврдено дека швајцарскиот државјанин „учествувал во регрутирање и вежбање државјани на Мароко и земјите јужно од Сахара за изведување терористички акции во Мароко“, наведува агенцијата за сузбивање на тероризмот во оваа исламска африканска монархија. Се додава дека осомниечниот, исто така, имал и шпанско државјанство, пренесува Reuters.

Луиза Вестерагер Јсперсен, 24-годишна студентка од Данска, и нејзината пријателка Марен Уеланд, 28-годишна Норвежанка, биле убиени ноќта кон 17-ти декември на југот од Мароко, каде што биле на годишен одмор. Нивните тела биле пронајдени на зафрлено место во областа Висок Атлас, крај кој планинарите често го посетуваат. На двете жртви им биле отсечени главите.

Мароканските власти уапсија досега 19 лица во врска со ова двојно убиство, коешто властите во Рабат го водат како „тероризам“. Четворица од нив се лица кои се заколнале на верност на Исламската држава во видео објавено три дена пред да бидат принајдени телата на туристките. Портпаролот на мароканското разузнавање, Бубкер Сабик, претходно седмицата четворицата ги опиша како „волци самотници“ и рече дека „злосторството не е поврзано со Исламската држава“.

Случајот ги потресе Норвешка, Данска и Мароко, каде што на социјалните мрежи е објавена видеоснимка од погубувањето на една од жртвите. Мароканските власти сметаат дека станува збор за автентична снимка, рекол за AFP извор запознаен со истрагата.

Мароко, кој досега беше поштеден од нападите на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава, и чиишто власти истакнуваат дека водат активни политики во сферата на сузбивањето на тероризмот, беше сцена на два крвави терористички напади во минатото. Во 2003 година во Казабланка загинаа 33 лица, а во 2011 година во Маракеш беа убиени 17 луѓе. За периодот од 2017 до 2018 година, мароканските власти соопштија дека спречиле 20 планирани напади од милитантни келии во земјата.