Американка е во притвор во Филипини, откако била уапсена на аеродромот во Манила во обид да прошверцува новороденче во ранец. Портпаролот на канцеларијата за мигранти на Филипини, Мелвин Мабулак, денеска соопшти дека на аеродромот Ниној Аквино во Манила е уапсена 43- годишна американска државјанка, која имала бебе во рачниот багаж.
Тој додаде дека бебето било старо само шест дена. Жената на службениците на царина им рекла дека патува сама и дека има само пасош , но кога и го прегледале рачниот багаж, во ранецот нашле новороденче.
Тогаш Американката почнала да им објаснува дека е тетка на бебето, но за тоа немала никаков доказ. Истрагата е во тек.