Вкупно 667 лица се уапсени во Франција за време на трета ноќ по ред немири кои избувнаа откако полицијата уби 17-годишник во париското предградие Нантер за време на застој на сообраќајот.
„Синоќа нашите полицајци, жандарми и пожарникари уште еднаш храбро се спротивставија на екстремното насилство“, објави во петокот на Твитер францускиот министер за внатрешни работи Жерал Дарманен, по најразорната ноќ на немири досега во знак на протест поради смртоносното полициско застрелување на тинејџер.
Вкупно 294 полицајци се повредени, изјави Дарманен, пренесе телеизискиот канал BFMTV. Никој од нив не се здобил со сериозни повреди, додаде. Според неговите инструкции, полицајците се справиле со бунтовниците, рече министерот. Во четвртокот Дарманен нареди распоредување на контингент од 40.000 полицајци.
Трета ноќ со ред избувнаа немири во поширокиот регион на Париз и во други француски градови, па дури и во соседна Белгија, откако тинејџер со алжирско потекло беше убиен во текот на рутинска сообраќајна контрола ноќта кон вторникот. Опожарени се згради и возила, оштетени се излози, биле превртувани автобуси, а со пиротехнички средства биле нападнати и полицајци.
Насилството избувна во Марсеј, Лион, Пау, Тулуз и Лил, како и во делови од Париз, вклучително и работничкото предградие Нантер, каде што живеел убиениот 17-годишниот Нахел М., кој имал алжирско и мароканско потекло.
Во твит, премиерката Елизабет Борн го нарече насилството „неприфатливо и непростливо“ и ја потврди својата поддршка за полицијата и пожарникарите кои „храбро ги извршуваат своите должности“.
Министерот за транспорт Клемент Бон рече дека јавниот сообраќај во парискиот регион ќе биде сериозно отежнат во петок и не исклучува предвремено затворање на мрежата. Дванаесет автобуси беа запалени и уништени во текот на ноќта во депото во Обервил, северно од Париз.
Обвинителите во четвртокот отворија формална истрага за убиство од небрежност против полицаецот кој застрела и уби 17-годишник во Нантер. Полицаецот ќе биде задржан во притворот, соопштија од јавното обвинителство во Нантер.
Во Нантер, во западното предградие на Париз, демонстрантите запалија автомобили, забарикадираа улици и фрлаа проектили кон полицијата. Филијалата на банка во Нантер била опожарена во четвртокот вечерта, а пламенот се проширил и на станбената зграда горе. ожарникарите го изгаснале пожарот и нема повредени.
Илјадници луѓе се собраа во Нантер на марш барајќи правда за тинејџерот, но набрзо избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата, јавуваат медиумите. Демонстрантите се судрија и со полицијата во Марсеј, Лил, Лион, Бордо и Гренобл, како и во белгискиот главен град Брисел.
Продавница за чевли „Најк“ била упадната во трговскиот центар Шателе Лес Халес во центарот на Париз, а неколку луѓе биле уапсени откако биле скршени прозорците долж соседната трговска улица „Ру де Риволи“, соопшти париската полиција. Соопшти, исто така, дека во градот и околината се уапсени 307 лица, а повредени се девет полицајци и пожарникари.
Полицијата употреби гранати со солзавец во Марсеј, а туристичкиот центар Ле Вие Порт беше евакуиран во текот на судирите на малдите демонстранти со полицијата.