Во антитерористичката акција „Ќелија“ спроведена во 3:30 по полноќ полицијата уапси девет лица, а над дваесет се осомничени за учество во војните во Сирија и Ирак, како и за регрутација на борци за овие боишта.
Прибирањето материјални докази за македонски државјани кои учествувале во странски војни МВР го спроведувало од септемрви 2014. до месец јули оваа година.
Во акцијата извршени се дваесет и осум претреси во Скопје, Гостивар, Струга и Куманово, кај дваесет и четири лица, како и четири објекти меѓу кои придружен објект на Тутунсус џамијата, невладини објекти и интернет – кафе.
Уапсен имам- идеолог на исламскиот фундаментализам
Во акцијата е уапсен и имамот на џамијата Тутунсус, за кој се смета дека е еден од идеолозите, а неговата активност во процесот на регрутација дополнително ќе се утврдува.
Дел од уапсените се повратници, односно веќе учествувале во војните во Сирија и Ирак, а речиси сите зад себе имаат криминално досие.
Сите уапсени се македонски државјани, но од различна националност.
Полицијата до Јавното Обвинителство поднесе кривични пријави против триесет и пет лица на возраст од деветнаесет до четириесет и девет години за учество во странски војни.
Уапсените во моментот не можат да се поврзат со конкретна терористичка структура, меѓутоа со сигурност може да се каже дека се дел од некоја организација која функционира во посочените странски воени области.
Од сегашните информации постои поврзаност со веќе починатите македонски државјани кои се бореле во Сирија и Ирак и оваа терористичка група која вршела регрутација на војници на теориторија на Македонија.
Официјално, засега во странски војни загинале шестнаесет македонски државјани, а околу сто и триесет лица се уште учествуваат во војните во Сирија и Ирак.
Дополнително ќе се утврдува начинот на кој што осомничените вршеле регрутација на борци од Македонија за странските боишта.
Центри за обука на регрутираните во Македонија конкретно нема, но има средини каде се врши таа дејност, потврди министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.
Воедно тој посочи дека Македонија, како и останатите земји е ризично подрачје каде би можеле да се случуваат евентуални терористички напади.
Тие ризици се непредвидливи и може да има напади како одговор на апсењата, посочи Чавков.