Притвор во траење од 30 денови им е одреден на четирите лица кои беа уапсени во полициска акција што вчера утрото била спроведена во Струга и во Гостивар. За нив постои основано сомнение дека се вклучени во кривичното дело „Терористичка организација“ согласно член 394-а од Кривичниот законик.
Станува збор за поддржувачи на терористичката група „ИСИС“, поврзани со радикални структури во земјава и во регионот. Лицата се членови на затворени групи на социјалните мрежи каде што се објавуваат пропагандни материјали за регрутирање на нови лица и поттикнување за извршување напади.
Првосомничениот, дваесет и едногодишен маж од Гостивар, на почетокот на 2024 година формирал и активно координирал терористичка ќелија, која вклучувала други осомничени и непознати лица од Македонија и странство. Организацијата, базирана на идеолошката матрица на терористичката група ИСИС, имала намера да изведе терористички напади на цивили и јавни објекти. Првосомничениот користел социјална мрежа (Telegram) за координирање активности, споделување пропаганден материјал на ИСИС, регрутирање нови членови, како и за организирање на набавка на оружје и изработка на импровизирани експлозивни направи.
Вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, информираше дека се уапсени овие четири лица.
– Тие, во соработка со лица кои не се на територијата на Македонија, подолг временски период се следат од страна на надлежните безбедносни органи и во соработка со меѓународните пријатели е координирано постапено. Имаме доста докази во насока на поткрепено основано сомнение дека овие лица постапувале во насока да организираат во иднина одредени несакани настани кои би можеле да ја загрозат безбедноста како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат останати луѓе од Балканот кои би можеле да делуваат соодветно во насока на реализација на нивните цели, рече Тошковски.
Тој додаде дека кривичното дело за кое е поднесена пријава е терористичка организација, а оти во однос на мотивите имаат основани сомненија дека се поврзани со одредени групации кои се во поддршка на одредени екстремистички и религиозни групи.