Уапсени осомничени за убиството на словачкиот новинар Јан Куциак

Словачката полиција уапсила лица осомничени за убиството на истражувачкиот новинар Јан Куциак и неговата вереница во февруари годинава, објавија неколку словачки медиуми рано утрото повикувајќи се на полициски извори.

Словачката полиција на својата Facebook страница објави дека притворила осомничени за злосторството, како и дека се вршат претреси на домови. Полицијата не објавила други детали.

Медиуми, вклучително и интерент страниците SME и Aktuality.sk, кае што работел Јан Куциак, известија дека полицијата пребарува објекти на југот од земјата.

Куциак, кој пишуваше за политичката корупција во Словачка, најден е мртов со неговата вереница Мартина Кушнирова во нивниот дом во селото Велка-Мача, во Трнавскиот крај на западот од земјата на 21-ви февруари годинава. И двајцата беа на возраст на 27 години.

Новинарот разоткриваше корупциска шема во владејачките структури на Словачка и пишуваше за наводни контакти на двајца високи државни функционери во владата и деловен човек со политички врски со италијанската мафијашка организација Ндрагета.

Убиството на новинарот, петтото во последните десет години во некоја од земјите на Европската унија, ги предизвика најголемите улични протести во Словачка од падот на комунизмот во 1989 година.

Притисокот од протестите доведе до оставка на премиерот Роберт Фицо и неговиот министер за внатрешни работи Роберт Калина, како и на началникот на полицијата Тибор Гашпар. Фицо на премиерската позиција го замени сопартиецот од „Правец – социјална деморкатија“, Петер Пелегрини.