Уапсени се 21 лице во акцијата „Планина“ осомничени за шверц на дрога

Неколкумина приведени од акцијата Планина повеќе часови беа во полициската станица Карпош, а останатите од 21 вкупно приведени се распоредени во уште 4 скопски полициски станици.

Акција на обвинителството за организиран криминал и на сродниот сектор во МВР почнала утрово во 4 часот, поминала без проблеми при апсењето и претресите во Грчец, Чаир, Сарај и Ченто. Откриени се и пари, но и количества на кокаин, хероин и марихуана.

Акцијата Планина почнала уште пред една година, објаснува надлежната обвинителка Вилма Русковска.

-Пред една година почнаа оперативно работење во овој предмет. Беа применети и посебни истражни мерки како следење на комуникации и следење. Во рамките на активностите обезбедени се докази за кривично дело недозволена трговија со наркотици и прекурсори, истакна Вилма Русковска, раководител на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Од понеделник следува и финансиска истрага за да се проверува дали имало перење пари.

-Засега не се правени такви проверки. Одлучивме да нема финансиска истрага затоа што се плашевме да не се случи да биде пробиена акцијата. Ве уверувам дека од понеделник ќе биде отворена финансиска истрага за приведените, одговори Русковска на прашањето дали е откриено и кривично дело „перење на пари“.

Бидејќи постојано се шпекулира дека групата од Грчец имала добри конекции со полиција и полициски соработници, ќе се проверува и тој аспект.

-Нема сега полициски службеници опфатени со истрагата. Но, ќе видиме понатаму. Ќе се вештачат телефоните на осомничените лица и доколку се најдат траги ќе бидат опфатени со кривичен прогон и овластени службени лица. Ќе нагласам, доколку се најдат докази, рече обвинителката Русковска.

Осомничените се дел од поголема група, а има осомничени кои се уште се во бегство, велат од обвинителството.

Во попладневните часови е приведено уште едно лице кое го бараше полицијата. Со тоа вкупно се приведени 22-ца осомничени во акцијата „Планина“. Се трага по уште три лица.