Вкупно 40 лица се уапсени синоќа по суровото тројно убиство во Градачац, Босна и Херцеговина, изјави денеска Рамо Исак, министерот за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина.
Уапсените лица се доведуваат во врска со давање поддршка на Нермин Сулејмановиќ за време на преносот во живо на Инстаграм во кој ја уби невенчаната сопруга Невзета Сулејмановиќ.
Сулејмановиќ ги уби и Џенгиз и Денис Ондер, татко и син, кои се турски државјани.
Ранети се полицаецот Хусен Коториќ и граѓанинот Недим Памуковиќ, како и Хариса Ондер, сопруга на Џенгиз Ондер. Според најновите информации, Хариса Ондер се наоѓа во тешка состојба.
Убиецот Сулејмановиќ во живо го пренесувал суровото убиство на невенчаната сопруга, а бројни луѓе го поддржувале во тоа на социјалната мрежа.
Како што кажа министерот Исак, сè уште се работи на лоцирање на лицата кои му давале поддршка на убиецот и истакна дека синоќа од слобода се лишени 40 лица.
– Отсекот за сајбер криминал веќе спроведува активности кои се однесуваат на евидентирање на лицата кои на социјалните мрежи ги поддржувале и величеле убиството и убиецот. Во моментов се работи на понатамошниот увид и чекаме официјални информации да видиме што и како понатаму – изјавил министерот.