Уапсени тројца разбојници од Гостивар што ограбиле србин

Тројца гостиварчани се уапсени за разбојништво и одредена им е мерка притвор од 30 дена откако нападнале и ограбиле 48-годишен Србин со иницијали Г.С. кај наплатната станица во Гостивар. Како што соопштија од полицијата настанот се случил во петок околу 20 часот и разбојништвото е веќе расчистено и поднесени се кривични пријави.

„Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривични пријави за М.Х.(33) и Љ.Х.(27), двајцата од гостиварското село Дебреше и Ш.Ј.(42) од гостиварски Равен. Тројцата пријавени се сомничат дека во близина на наплатната станица Гостивар, најпрво побарале да влезат во товарно моторно возило „сканија“, со српски регистарски ознаки, што го управувало Г.С, а потоа и физички го нападнале и со закана со остар предмет му одзеле паричник со 9000 динари, 50 евра, возачка дозвола и банкарска картичка.

Нешто подоцна, пријавените се лишени од слобода и изведени пред судија во претходна постапка на Основниот суд Гостивар, кој им определил мерка притвор од 30 дена, по што биле спроведени во Казнено-поправната установа Затвор Скопје – Скопје“, соопштија од МВР.