Мажот кој е уапсен поради испраќањето на наводните експлозивни пакети на истакнати членови и приврзаници на американската Демократска партија, обвинет е по пет точки и би можел да биде осуден на 58 години затвор, изјави во петокот американскиот државен обвинител Џеф Сешнс.
„Во текот на истрагата го уапсивме Сезар Сајок“, изјави директорот на Федералното биро за истраги (FBI), Кристофер Вреј на заедничката прес-конференција потврдувајќи го идентитетот на осомничениот кој претходно го открија медиумите. Челникот на американската федерална полиција прецизираше притоа дека 13 експлозивни пакети се испратени ширум САД.
Предупреди, исто така, дека би можело да има уште вакви пакети. Властите истражуваат дали има уште учесници во овој случај и не ја исклучија можноста од нови апсења. „Прерано е да се зборува за мотивите на осомничениот“, предупреди челникот на FBI.
„Вкупно се откриени 13 пратки со експлозивни направи. Секоја пакет содржеше цевка од околу 14 сантиметри, батерија, часовник, жици и експлозивен материјал“. Директот на FBI истакна дека станува збор за материјал којшто „при зголемување на температурата може да претставува опасност“ но не прецизираше за какво вид експлозив се работи.
Вреј изјави дека сѐ уште се прават испитувањата да се утврди дали овие пакет-бомби навистина биле функционални. Ниедна од пратките не експлодираше, ниту има повредени, а некои експерти за пиротехника и безбедносни аналитичари кои зборуваа за американски медиуми оценија дека експлозивните направи биле импровизирани и немале цел да убијат, туку повеќе да внесат страв.
Сите откриени пакети со вакви направи биле однесени во лабораторијата на FBI во Квантико, близу Вашингтон. „Првиот пакет кој беше испитан беше адресиран на поранешниот американски претседател Барак Обама, како и пакетот откриен во Вашингтон адресиран до пратеничката во Претставничкиот дом на Конгресот, Максин Вогтерс,“, додаде
Отпечатоците на Сизар Сејак се пронајдени на најмалку еден пакет, на оној испратен на демократската пратеничка во Конгресот, Максин Вотерс, додаде Вреј. Додаде дека на уште два пакета се најдени траги од неговата ДНК.
Федералната полиција го уапсила 56-годишниот Сајок во местото Плентејшн на Флорида и запленила бело комбе со про-трамп налепници, слоганот „CNN е грозен“ и ликови на демократските политичари со црвена мета преку нивните лица.
Началникот на њујоршката полиција, Џејмс О’Нил, кој исто така зборуваше на прес-конференцијата, предупреди дека „можно е да има и други пакети“.
Објавувајќи го апсењето за коешто го пофали FBI пред одушевениот аудиториум во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека ваквите „терористички акти се одвратни и за нив нема место во САД“.
„Никогаш не смееме да му дозволиме на политичкото насилство да фати корени во Америка, не можеме тоа да го дозволиме. Посветен сум да сторам сѐ што е во мојата моќ како претседател да го запрам тоа и тоа веднаш“, рече Трамп.
Според податоците во медиуми, Сајок е регистриран републиканец со подолго криминално минато, вклучително и една закана со бомба, и историјата на потпалувачки коментари на социјалните медиуми против политичките противници на Трамп.