Убедувањето на Ахмети да се кандидира за претседател одело тешко, вели Груби

Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, смета дека сѐ помали се шансите лидерот на ДУИ Али Ахмети да биде претседателски кандидат и оти е тешко да се убеди да се согласи.

– Убедувањето на Ахмети оди тешко. Го знаете неговиот став: „Јас сум мисионер и не сум функционер. Не сум во политичка партија, ниту во политиката за да добијам функција, туку за мисијата да ми биде успешна“. И пред тој аргумент мора сите да се повлечеме. Но, ако прашате кој било член на ДУИ, кој било гласач на ДУИ, секако дека ќе се определи за Али Ахмети – рече Груби во емисијата „360 степени“.

Во однос на објавите во медиумите дека Бујар Османи ќе биде претседателски кандидат на ДУИ, Груби рече дека тој би бил одличен кандидат, но дека за ова не е разговарано, ниту е одлучено во партијата.

– Демократската унија за интеграција сѐ уште нема одлука кој ќе биде нејзин кандидат за претседател на државата, бидејќи прашањето не е дискутирано во партиските органи. Бујар Османи би можел да биде одличен кандидат. Но, тој не води кампања за претседателски кандидат, затоа што за ова не е разговарано ниту е одлучено во ДУИ. Но, ќе мора да се донесе одлука наскоро, затоа што на 23 февруари почнува собирањето на потписи што би требало да трае до 8 март. Така што неделава ќе дознаеме кој е кандидат на ДУИ и кој ќе биде победник во албанскиот блок, со можност исто така да помине и во вториот круг – рече Груби.