Тецуја Јамагами, 41-годишниот жител на јапонската префектура Нара, кој смртно во петокот утрото смртно го застрела поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе, почнал да го планира убиството на политичарот уште ланската есен пренесува во понеделникот телевизијата Kansai TV, повикувајќи се на извори од истрагата.
Претходно во саботата новинската агенција Kyodo објави дека Јамагами во текот на сослушувањето признал дека првично планирал атентат врз лидер на некоја верска организација, но подоцна се премислил и решил да го убие Абе. Имено, тој верувал дека и поранешниот јапонски премиер бил поврзан со таа религиозна група. И претходно извор запознаен со текот на истрагата, исто така, за медиумите изјави дека Тецуја Јамагами го објаснил својот напад врз Шинзо Абе со тоа што сметал дека поранешниот премиер е вклучен во одредена религиозна група. Според него Абе припаѓал наводно на одредена група луѓе, поради којашто семејството на Јамагами се соочило со сериозни финансиски проблеми.
Во понеделникот, пак, на распитот во обвинителството признал дека почнал да се подготвува за злосторството уште од минатата година, „околу есента“.
Абе беше убиен додека држеше говор на предизборен собир во Нара за парламентарните избори кои се одржаа во неделата. Според последните сознанија, убиецот пристигнал час иполовина пред најавениот термин за говорот на Абе, а во нападот употребил импровизирано огнено оружје составено од две метални цевки прицврстени со самолеплива лента, во кои ставил барут и до кои секоја содржела по шест проектили.
Според Јамајаги, инструкциите како да го направи оружјето ги пронашол на интернет. Преку мрежата нарачал и барут, а според документите од истрагата тој неколкупати одел в планина да вежба пукање од импровизираното оружје.
На денот на нападот, убиецот истрелал два куршума во Шинзо Абе од оддалеченост од 7 и од 5 метри, од кои се чини дека вториот бил смртоносен.
Абе беше пренесен во Универзитетскиот медицински центар во Нара, а пет часа по нападот беше објавено дека починал. Церемонијата на простување со поранешниот јапонски премиер, на којашто присуствуваат и странски делегации започна во понеделникот, а погребот ќе биде извршен во вторник.