Деветнаесетгодишен српски вахабист бил убиен за време на борба против владините трупи во Сирија, објави електронското издание на белградскиот весник „Блиц“, пренесува Нетпрес. Убиен е Мирџа Ганиќ од Нови Пазар, кој заминал за Сирија пред неколку месеци.
Според „Блиц“, Ганиќ е добро познато име меѓу вахабистички средини и е еден од најмладите следбеници на реакционото муслиманско движење. Веста за смртта на момчето била објавена на социјалните мрежи од друг вахабист од Нови Пазар, водачот Абу Малик Ес Санџачки.
Весникот потсетува дека во последната недела во Сирија загина и Амир Јаргич од градот Травник во Босна и Херцеговина.
Поради тоа министерот за безбедност на Република БиХ, Фахрудин Радончиќ повика на итно прифаќање на законодавна промена која предвидува три години затвор за учество во борбени дејствија во друга земја и десет години затвор за регрутирање на волонтери.