Убиен еден од водачите на ИД во Авганистан

Еден од првите луѓе на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД) во Авганистан, познат како Абу Сад Архаби, е убиен во саботата ноќта во напад на авганистанските безбедносни сили врз џихадистичките засолништа во покраината Нангахар, соопштија во неделата властите во Кабул.

Според авганистанската телевизија 1TV, Абу Сад Архаби бил ликвидиран во текот на заедничката копнена и воздушна операција на авганистанската војска и странски сили, во која се убиени уште десет припадници на Исламската држава, објави во Кабул Националната управа за безбедност (NDS). Во извештајот на телевизијата се истакнува дека станува збор за четвртиот висок водач на Исламската држава кој е ливидиран во Авганистан од 2016 година.

Телевизијата Tolo News, пак, додава дека Архаби, исто така, бил познат и под името Абу Саид Орказаи. Во нападите врз две засолништа на џихадистите било уништено и големо количество лесно и тешко вооружување, според извештајот.

Засега нема реакции на интернет страницата на џихадистичката новинска агенција Amaq, како ниту од командата на мисијата на НАТО во Авганистан – „Решителна поддршка“.

Според покраинскиот гувернер, Исламската држава во Нангахар, покраина која е на границата со Пакистан, развила силни бази и упоришта и станала најопасната џихадистичка групација во овој регион.

Локалните групи кои им се лојални на џихадистите се познати како Исламска држава Корасан (ISIS-K), којашто е активна од 2015 година и се бори не само против авганистанските безбедносни сили, туку и за превласт на теренот против талибаните коишто контролираат значителен дел особено од руралните покраини на Авганистан. Точниот број на припадници на Исламската држава во Авганистан е тешко да се утврди, но според американските разузнавачки процени станува збор за околу две илјади борци.