Убиен маж во Батинци

Едно лице е убиено, а едно е повредено и пренесено во Ургентниот центар во Скопје денеска претпладне во село Батинци кога во нив било пукано од автомобил, соопшти МВР.

„На 01.07.2024 во 09.25 часот во СВР Скопје е пријавено дека во селото Батинци, Скопско, две лица од патничко возило ‘мерцедес’ пукале кон патничко возило ‘форд’ во кое биле А.Б.И.(34) и З.И.(31), двајцата од селото Црн Врв. На местото на настанот починал А.Б.И., а З.И. се здобил со повреди и е пренесен за укажување лекарска помош во Ургентен центар – Скопје“, се посочува во информацијата од МВР.

СВР Скопје во координација со Одделот за специјални полициски операции и Одделот за воздухопловни единици преземаат мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и расчистување на случајот.