Првиот човек на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава во Авганистан, Абдул Хасиб, убиени е во операцијата којашто на 27 април заедничките ја извеле авганистанските безбедносни сили и американските специјалци во покраината Нангахар, потврдиле американски и авганистански функционери.
Се верува дека Абдул Хасиб, кој беше назначен за водач на Исламската држава во Авганистан минатата 2016 година откако во напад со беспилотно летало беше убиен неговиот претходник Хафиз Сааед Кан, организирал низа смртоносни напади на територијата на Авганистан, вклучително и нападот врз главната воена болница во главниот град Кабул на 8 март годинава во кој беа убиени десетици луѓе.
„Оваа успешна заедничка операција претставува уште еден важен чекор во нашата неуморна кампања за победа над групата ISIS-K во 2017 година“, се наведува во писмената изјава на највисокиот американски командант во Авганистан, генералот Џон Николсон во којашто се потврдува убиството на Хасиб, којашто ја цитира Reuters.
Во извештајот на агенцијата AFP се наведува дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани, исто така, во писмена изјава го потврдил загинувањето на Абдул Хасиб. Притоа прецизирал дека во операцијата учествувале 40 авганистански командоси и 50 американски специјалци.
Локацијата во источната покраина Нангахар каде што бил ликвидиран Хасиб е во близна на местото каде што американската авијација на 13 април го бомбардираше системот подземни коридори кои ги користела Исламската држава употребувајќи ја најголемата ненуклеарна бомба ткн „Мајката на сите бомби“.
Авганистанската фракција на Исламската држава е позната и како Исламска држава Корасан (ISIS-K), според стариот назив за регионот во кој се наоѓа Авганистан. Таа дејствува од 2015 година и с пори против авганистанските и американските сили, но и против ривалското радикално исламистичко движење Талибан.