СВР Тетово излезе со детали за вчерашното двојно убиство во тетовското село Челопек. Како што информираат оттаму, 59-годишник од истото село пукал кон татко и син при што починале, а ранил уште едно лице.
„На 27.12.2023 околу 14.30 часот во с.Челопек, тетовско, полициски службеници од СВР Тетово – Полициско одделение Жеровјане го лишиле од слобода И.И.(59) од село Челопек, постапувајќи по пријава дека околу 14.10 часот во селото со огнено оружје ги усмртил неговите роднини Ф.Џ.(52) и М.Џ.(28), а го повредил А.Џ.(54), сите од истото село. Осомничениот, кој, исто така, бил повреден од огнено оружје, бил приведен во полициска станица и пренесен во Клиничка болница Тетово за укажување лекарска помош“, информираат од СВР Тетово.
Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Тетово, при што биле пронајдени и одземени три пиштоли. Еден пиштол е одземен од приведениот, а останатите два биле пронајдени во непосредна близина на починатите Ф.Џ. и М.Џ..
По наредба на јавен обвинител, телата на починатите биле дадени на обдукција, а по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Министерот Спасовски вчера наведе дека причини за двојното убиство се нерасчистени имотно правни односи.
„Станува збор за нерасчистени имотни односи во едно семејство. Тоа се првите сознанија кои ни ги пратија колегите од терен. Очекуваме наскоро да се заокружи целиот процес и да имаме детални информации за случајот“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.