Убиството на наставникот во Франција е со терористичка заднина

Наставник беше убиен во петокот во напад со нож во училиште во северниот француски град Арас, а истрагата е предадена на обвинителството за борба против тероризмот.

Властите во департманот Па-де-Кале соопштија дека е уапсен напаѓачот, кој ранил уште еден наставник и припадник училишното обезбедување.

Осомничениот е Чеченец роден во Русија и е поранешен ученик во средното училиште „Гамбета“, каде што се одигра нападот, изјавил полициски извор. Тој бил на списокот на лица за кои се знае дека претставуваат потенцијален безбедносен ризик поврзан со радикалниот исламизам, додал полицискиот извор.

Полицијата не можеше да ги потврди извештаите на локалните медиуми дека тој извикал „Алаху Акбар“. Телевизискиот канал BFMTV јавува дека има околу 20 години. Телевизијата наведува и дека убиениот наставник предавал француски јазик, додека наставникот по физичко е повреден. Учениците биле затворени во училниците, се додава.

Претседателот Емануел Макрон замина за Арас, соопшти неговиот кабинет. Во телевизиското обраќање до нацијата во четвртокот, Макрон ги повика Французите да останат обединети и да се воздржат од внесување на конфликтот Израел-Хамас во земјата.

Засега нема индиции дека овој напад е поврзан со настаните во Израел и во Појасот Газа, изјавил за Reuters друг полициски извор.

Француските обвинители за борба против тероризмот соопштија дека отвораат истрага за нападот. Уапсен е и братот на осомничениот напаѓач.

Весникот La Voix du Nord вели дека учениците во сите училишта во Арас, град во деиндустријализираниот етнички шаренолик север на Франција – се задржани во нивните училници од безбедносни причини.

Франција беше цел на серија исламистички напади во последниве години, од кои најлошиот беше истовремениот напад од вооружени лица и бомбаши самоубијци врз клубови и кафулиња во Париз во ноември 2015 година.

Во октомви 2020 година, француски тинејџер, исто така, со чеченсо потекло го обезглави наставникот Самуел Пати затоа што користел карикатури на пророкот Мухамед за време на лекција за слобода на изразувањето.