![spiro-2-640x360](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2016/05/spiro-2-640x360.jpg?resize=640%2C360&ssl=1)
Директорот на Спортската академија Дејан Јовановски рече дека претставува чест да се биде домаќин на стручњак и професионалец како Гонзалес.
– Со ова го затвораме проектот „Гости тренери“ за оваа учебна година. Од следната година размислуваме тоа да стане пракса еднаш месечно и да воведеме систем на пријателски натпревари со соодветните младински селекции на клубовите, рече Јовановски.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски рече дека во рамки на проектот изминатите два месеци со учениците работеле доста звучни имиња, стручњаци, експерти и тренери во рекомет, фудбал, кошарка и тенис, како светскиот ракометен стратег Лино Червар, Индира Кастратовиќ, Марин Докузовски, Тодор Гечевски и денешниот гостин Раул Гонзалес.
– Праксата покажа дека е од исклучително значење вклучувањето на вакви високо професионални тренери, затоа што самиот процес на дисциплинирање и работење на сите ученици во делот на редовните тренинзи, како и професионалното спроведување е од огромно значење за висококвалитетно развивање не само од образовен, туку и од професионален спортски аспект, што е и крајна цел на спортската академија, рече Ристовски.
Тренерот Раул Гонзалес изрази благодарност до академијата за поканата и ја пофали идејата и целиот проект.
– Ако сакаме професионални млади играчи кои ќе имаат шанса, треба да тренираме и да се подготвиме многу. Треба да тренираме 100 проценти. Тука имаме услови и можеме да користиме се. Многу добра идеја. Кога си млад, само треба да се фокусираш и да тренираш добро, рече Гонзалес.
Проектот „Гости тренери“ е на Министерството за образование и наука во соработка со Спортската академија во рамки на кој изминатите неколку месеци беа организирани тренинзи на еминентни имиња од областа на фудбалот, ракометот, кошарката и тенисот со учениците од академијата.
Академијата има 779 ученици во сите четири години, вклучително и дисперзираните паралелки во девет града, а застапени се четири спорта – тенис, кошарка, фудбал и ракомет.