Учество на претседателот Иванов на Самитот на ПСЈИЕ, Дубровник

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Хрватска по повод учеството на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Дубровник.

Во петокот, претседателот Иванов ќе има свое обраќање на пленарна сесија на Самитот на земјите – учеснички во ПСЈИЕ и ќе оствари билатерална средба со претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ.

Во сабота, пак, претседателот на Република Македонија ќе учествува и ќе се обрати на „Дубровник форум 2017“, што се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“.

На Самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, чиј домаќин е Хрватска, најавено е учеството на претседателот на Словенија, Борут Пахор, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Косово, Хашим Тачи, како и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов.

Процесот за соработка во Југоисточна Европа (South East Europe Cooperation Process – SEECP) е прва автохтона регионална иницијатива воспоставена во 1996 година, со цел јакнење на политичката и безбедносната соработка, интензивирање на соработката на државите во областа на економијата, демократијата, судството, човековите права и борбата против нелегалните активности. Целта на оваа регионална иницијатива е преку јакнење на добрососедските односи и обезбедувањето на мирот во регионот, да овозможи побрзо приближување кон ЕУ и НАТО.

Полноправни земји – учеснички во ПСЈИЕ се: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Романија, Србија, Турција, Хрватска, Молдавија, Црна Гора, Словенија и Косово. Република Македонија се третира како земја основач.

Претседавањето со оваа регионална иницијатива е ротирачко помеѓу сите земји членки со времетраење од една година. Изминатава година со ПСЈИЕ претседаваше Република Хрватска, а следното претседавање кое започнува од јули 2017 година го презема Република Словенија.