Секоја книга или учебник е светоглед кон иднината, запознавање со минатото, сегашноста и иднината. Така говорат многу познати автори на убавиот збор. Книгата или учебникот за секој посебно или општо ја дава сликата, емоцијата и доживувањето на оној што ја чита и како ја чита. Па така, ако некој или некои бидат „навредени“ од напишаното, тогаш ќе се бара учебниците или книгите да се запленат или повлечат. Што ме потсетува на Третиот рајх, кога нацистите масовно ги палеа книгите на улиците и плоштадите низ цела Германија само затоа што не се согласуваа со напишаното или затоа што беа „навредени“.
Географијата за втора година за средно образование со „фашистичка невистина“
Пред некоја седмица пред Министерството за образование и наука (МОН) во Скопје, млади лица (поддржувачи на политички партии) запалија неколку страници од учебникот по географија за втора година средно образование, каде што делови од книгата ги оценија како „фашистички невистини“. Медиумите објавија дека во учебникот по географија има неколку спорни нешта.
Имено, во учебникот било напишано: „Меѓу денешните македонски Албанци има и родови што себеси се сметаат за староседелци. Главно, тоа е македонско население, кое во текот на турското владеење го примило исламот и постепено се албанизирало. Меѓу нив, понекаде има и по некој род што потекнува од некогашните Турци, Роми и Черкези“.
Исто така, спорно било и искажувањето за „окупаторската Албанија на западна Македонија“ или дека Албанците во Македонија се доселиле во различни периоди, почнувајќи од 1780 година. Поконкретно кажано, спорна била содржината дека „населувањето на албанското население во Македонија, не се одвивало спонтано, туку во најголема мера насилно, плански, со помош на турската власт или на локалните аги и бегови“.
Само за потсетување на читателите, овој учебник е во употреба повеќе од 18 години.
Загрижени за ваквата реакција на овие млади партиски активисти, по неколку дена се состанува „воениот врв“ на чело со „премиерот“ Артан Груби, министерката за образование и наука Мила Цароска и пратеникот Арбер Адеми (поранешен министер јза образование и наука, човек кој направи образовен криминал во неговото наставно-научно унапредување…). Оваа тројка „по направени детални анализи“, се договорила да се прегледаат и исправат сите неправилности во учебниците за основно и средно образование, започнувајќи од учебникот по географија за втора година средно образование, во кој „некои содржини ја навредуваат албанската заедница во Македонија“.
А, од страна на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците беше наведено дека во случајот со учебникот по географија, ќе се примени членот 26 став 2 од Законот за учебници, во кој се наведува дека учебниците се повлекуваат од употреба доколку содржат материјали што ги навредуваат историјата, културата и вредностите на сите граѓани на Македонија. Исто како што се „навредени и бугарските историчари дека во Македонија не биле администратори и ослободители“.
Тоа што бара „експертот“ Груби, ниедна комисија не може да ги реши „спорните содржини во учебниците“ затоа што спомнатите теми се такви што не можат да бидат решени ниту од најголемите светски експерти во науката. За светската наука, потеклото на Албанците и нивниот јазик се енигма. Што значи ги има повеќе теории и различни тези.
Јас сега како навреден барам од пишувачите на учебници по математика, да го избришат нумеричкиот бројот 33, тој број 33 – ме асоцира на Зоран Заев кој ја навредува мојата македонска историја, култура, име, идентитет и сите македонските вредности. Тоа го барам согласно член 26 став 2 од Законот за учебници, па затоа треба да се повлече од употреба бидејќи ја навредува мојата македонска историја, култура и македонски вредности. Ајде „експерти“ – Груби, Цароска и оној образовниот криминалец Адеми, повелете!
Излезни решенија на апсурдот
Создвањето на учебници за основно и средно образование, значи дека тие треба да бидат пишувани мултидисциплинарно со опфат на повеќе стручњаци од областа. Авторите на учебниците треба да поаѓаат од Концепцијата за изработка на учебници и методологијата за вреднување на учебникот издаден од Бирото за развој на образованието (БРО 2010, каде соработник е Виолета Петреска-Бешка). Авторите на учебниците треба да ја имаат во предвид и усогласеноста на учебникот со возраста на учениците. А, тоа значи:
– Учебникот да ја вообличи наставната материја на соодветен дидактички начин разбирлив за возраста на учениците за кои е наменет;
– Во учебникот да бидат препознатливи основните елементи кои што учениците мора да ги усвојат и применат;
– Во учебниците по географија да се внимава, да нема голем број фактографски податоци и поими неразбирливи за учениците;
– Во учебникот да се дадат дополнителни објаснувања за новите непознати поими;
– Содржините во учебниците за гимназиско и средно стручно образование да овозможуваат развивање на аналитички способности и критичко размислување односно пишување без предрасуди, прикажувајќи ги праведно сите тези, со други зборови не треба да има бришење на спорните содржини во учебниците, туку потребно е преформулирање на одредени искажувања и дополнувања дека постојат повеќе теории за Албанците и нивното присуство на територијата на Македонија и Балканскиот Полуостров во определено историско време.
Треба да се знае дека во историската наука нема апсолутни вистини и науката вели дека Албанците се проблем во историската наука и дека не постои согласност за нивното потекло. Ова ако не се објасни на учениците во основно и средно образование, секое друго решение ќе биде политизирано и цензурирано на образовните содржини.
Со новиот закон за учебници што се планира со Новиот концепт за основно образование од први септември, учебници во пишана форма ќе има само од прво до трето одделение, а од четврто до деветто одделение ќе има дигитални учебници Ова го измислува „експертот по се и ништо“ соработник на новиот концепт како и на Концепцијата за изработка на учебници и методологијата за вреднување на учебникот издаден од Бирото за развој на образованието од 2010, Виолета Петреска-Бешка. Ај аирлија. Еве на повидок е нов хаос во учебникарството.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес