Заклучно со вчера, дистрибуирани се сите учебници до училиштата, но петтоодделенците нема да го добијат наскоро учебникот по „Историја и Општество“ затоа што се уште не се пријавиле професори од универзитетите да направат рецензија на учебникот кој лани беше повлечен поради стотици грешки во него.
Министерот Јетон Шаќири рече дека доставата била комплетирана вчера, иако тој најави дека до крај на септември, најдоцна до почетокот на октомври учениците ќе можат да учат од нови учебници.
– Учебниците во градот Скопје се доставени, а се заврши и доставата во други делови на градот. Доставата на учебници се заврши вчера. Благодарам за целосно разбирање, поразлични сме од лани, кажавме на крај од септември и почеток на октомври, но ме радува фактот што ова заврши. Оваа година докажавме дека кога стигнуваат навремено програмите, стигнуваат и учебниците. Имаше ситуации каде што за одредени учебници требаше да се работи на графичко-техничка регулација, некои автори побараа за некои делови од учебниците да се коригираат и затоа се доцнеше – образложи Шаќири.
За следната учебна година Бирото за развој на образованието бара најдоцна до крајот на 11 месец да се достават новите програми за седмо оддееление за да стигнат навреме да се испечатат затоа што само тие се менуваат. Шаќири не очекува проблеми со економскиот оператор затоа што се работи за двегодишна програма и тој за следната учебна година може да почне да печати учебници во секој момент.
Но, кажа дека има проблеми за учебниците по „Историја и општество“ за петто и шесто оддееление.
– После одлуката за повлекувањето на учебникот по Историја за петто оделеение се формираше авторски тим од кој имаме завршна фаза на ракописот. МОН достави барање неколкупати до Факултетите за да достават претседатели и членови на рецензентна комисија. Ние секојдневно бараме од универзитетите да се пријават професори за рецензија. За брзо време, ќе имаме рецензенти и педагошката служба ќе каже кога постапката ќе заврши – додаде Шаќири без да прецизира дали учебниците ќе им стигнат на учениците во првото полугодие.