Учениците денеска се враќаат на училиште

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) го стави штрајкот во мирување, а учениците од денеска почнуваат со настава. Причина за ваквата одлука на СОНК е добиеното известување од Министерството за труд и социјална политика за мирно решавање на работните спорови.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вчера изјави дека по направените консултации со правни лица, штрајкот ќе биде ставен во мирување додека трае решавањето на спорот.

– Ќе мора да постапиме согласно закон и штрајкот да го ставиме во мирување. Тоа значи дека одлуката за влегување во генерален штрајк ја ставаме во мирување се додека не се реши спорот. Убедени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со ставовите со ресорното Министерство за образование и наука, штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам дека до тоа нема да дојде, рече Неделков.

Изрази надеж дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени и дека колективните договори за основно и средно образование и за детска заштита ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.

Максималниот рок на мирното решавање на споровите, како што посочи Неделков, е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена.

– Доколку за 10 дена една од страните не е задоволна, се бара формирање на дополнително тело на помирување, така што максимум за 20 дена треба да заврши постапката, појасни Неделков.

Смета дека во овој период на помирување би било добро да не се одржи и најавениот протест на 4 мај за да не се врши дополнителен притисок врз преговарачите.