Учениците и студентите денеска ги добија парите за стипендии, соопшти МОН

Министерството за образование и наука информира дека сите ученички и студентски стипендии на постојните корисници за учебната, односно академска 2023-2024 година се исплатени заклучно со месец јануари. За новите корисници, пак, исплатата ќе се реализира во текот на неделата. Младите треба да се спокојни, сите средства кои им следуваат ќе им бидат целосно исплатени, велат од таму.

-Оваа Влада нема практика да укинува права, туку напротив се заложува за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард и во таа насока, во последните неколку години се воведоа низа нови права и можности кои во минатото не постоеја. Воведени се нови категории на стипендии, а месечните износите на постојните се зголемени, за одредени категории и за над 80%. Воведен е субвенциониран студентски оброк и износот на истиот дополнително зголемен на барање на студентите. Воведовме и низа антикризни мерки со цел поддршка на воспитно – образовниот процес на младите и покривање на дел од трошоците. Со интензивна заложба ќе продолжиме да ги штитиме нивните интереси и да помагаме во остварувањето на целите, соопштија од МОН.

Додаваат дека наскоро ќе започне и етапната реконструкција на државните студентски домови, потпишан е договор за изведба на градежните работи и подготвителните активности се во тек. Исто така, годинава предвидени се и реконструктивни активности во ученичките домови. -Остануваме во комуникација со организациите кои ги застапуваат учениците и студентите и заедно и во иднина ќе ги носиме одлуките кои ги засегаат, велат од МОН.