Од понеделник децата од прво и од второ одделение ќе учат во посебен објект во дворот на џамијата во населбата Чашка. Родителите на децата кои посетуваат настава на македонски јазик повторно не се согласија тие да учат во „Тодор Јанев“ во Чашка се додека не се заврши новото училиште во село Бањица, каде ќе се изведува настава на албански јазик.
– Децата ќе учат во објект кој се користи за веронаука. Тоа е посебен објект во џамијата и е од времен карактер. Децата ќе почнат да учат таму од понеделник. Во Баница училиштето е во рацете на МОН, ние како општина завршивме, сега треба да изберат изведувач и да се монтира. Во Чашка повеќе нема тензии, само јас сум разочаран што ние и покрај обидите што ги направивме, не добивме согласност од родителите да продолжат децата да си учат уште два – три месеца во „Тодор Јанев“ и да не учат во други простории, но немаше разбирање. Не дозволуваа родителите, сметам дека немаше потреба да стигне до тоа, но добро се решаваат проблемите – истакнал за „Фокус“, градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски.
Од МОН не била пристигната информација дека наставата за дел од учениците во Чашка се организира во објект кој нема образовна дејност, но велат дека организирањето на воспитно – образовниот процес на локално ниво е надлежност на општината и градоначалникот.
Учениците Албанци од општина Чашка од прво до петто одделение по два месеца ќе можат да го користат новото училиште „Дитуриа“.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека јавниот повик е затворен и сега се разгледуваат апликациите. Најави дека за ова училиште се издвоени 6,5 милиони денари, додека исплатата ќе се врши во зависност од тоа како ќе се изведуваат работите.
„МОН во селото Бањица ќе гради ново училиште и постапката е во тек. Во моментов се разгледуваат пристигнатите понуди од економски оператори. По целосно завршување на процедурата, ќе започнат активностите на терен, каде веќе е изградена бетонска платформа за подигнување на објектот кој би бил готов за 2 месеци“, изјавиле за „Фокус“ од МОН.
Инаку во декември минатата година, родителите на учениците Македонци протестираа пред основното училиште „Тодор Јанев“, при што не им дозволија на наставниците да влезат во училишниот објект.
Наставата на сите ученици во основното училиште „Тодор Јанев“ во општинат Чашка, времено, односно до крајот на учебната година, се реализираше во постојниот објект и по адаптирани наставни програми, одлучи Владата, со што се стави крај на неколку месечните блокади од родителите на децата.