Училиштата во Србија ја прекинуваат наставата, се бара оставка од министерот за образование

Синдикатот на српските работници во образованието во четвртокот соопшти дека во петокот на 5-ти мај, на првиот ден од тридневната национална жалост поради масовното убиство во белградското основно училиште, нема да има настава во сите училишта во Србија.

„Ве повикуваме да разберете дека на тој ден училиштата нема да работат. Остануваме без зборови пред чинот што нѐ принуди да ги затвориме училиштата“, соопшти Синдикатот по вчерашната пукање во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, во кој тринаесетгодишен ученик со огнено оружје уби осум соученици и обезбедувач и тешко повреди уште шест ученици и наставник.

Синдикатот најави дека по консултација со работниците од образованието ќе донесе одлуки за натамошно постапување за што ќе биде известена јавноста. Прекин на наставата најави и образовниот огранок на синдикатот Неовисност.

Истовремено, расте притисокот кај голем дел од јавноста, особено во опозицискиот невладин сектор, министерот за образование Бранко Ружиќ, од редовите на Српската социјалистичка партија (СПС) да поднесе оставка, бидејќи тие сметаат оти тој има морална одговорност за трагедијата невидена во модерната историја на Србија.

Така, меѓу другото, Европското движење во Србија (ЕМИНС) денеска најостро ја осуди вчерашната изјава на министерот Ружиќ, на вонредна прес-конференција во Владата на Србија, на која трагедијата во училиштето ја стави во контекст на глобалното влијание на социјалните мрежи и интернет.

„Наместо да понуди оставка, Ружиќ го обвинува канцерогеното влијание на интернетот, видео игрите и западните вредности“, истакнаа во соопштението од ЕМИНС.

Изјавата на Ружиќ им пречеше на многумина, а со барање за разрешување одговорија и Младинската иницијатива за човекови права, обвинувајќи го за „политичка инструментализација“ на трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“.

„Со срамната изјава, за време на прес-конференцијата, дека системот потфрлил, во која ги обвини западните вредности, интернетот и видео игрите за страдањата на децата, наставниците и обезбедувачоте, наместо да преземе одговорност и да поднесе оставка, Ружиќ не пропушти можност несовесно политички да се злоупотреби големата трагедија“, се наведува во соопштението на Иницијативата.

Шефот на српската дипломатија и сопартиец на Ружиќ, Ивица Дачиќ, прашањето дали министерот ќе се повлече од функцијата го нарече „целосно ирелативно“.

„Тој рече дека е подготвен да го стори тоа, доколку има одредена индивидуална одговорност во сето тоа, но тоа нема да придонесе дали општеството ќе се посвети на ваков проблем“, изјави Дачиќ за телевизајата ТВ Хепи.

Дачиќ праша и „што ќе се реши“ доколку Ружиќ поднесе оставка.

„Би сфатил доколку се работи за индивидуална одговорност и пропуст, овде зборуваме за објективна одговорност. Треба сериозно да се занимаваме со вакви работи, но не само во следните десет дена, туку секогаш“, рече Дачиќ.