Училиштето во Пинтија ќе добие затворен спортски објект

Затворен спортски објект во ПОУ „Рајко Жинзифов“ во Пинтија ќе гради Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива на градоначалниот Орце Ѓорѓиевски која денес ја поддржа Советот, на младите од овој дел на градот ќе им овозможи осовременување на наставата по физичко образование и услови за дополнителни спортски активности. Воедно, изградбата на овој спортски објект ќе овозможи ослободување на простор во училиштето кој по преадаптивните зафати ќе биде искористен за нови училници, со што ќе се зголеми целокупниот капацитет на ова подрачно училиште.

-Големо е моето задоволство што денес, со дадената поддршка од советниците, го отпочуваме процесот за изградба на затворено спортско игралиште во ПОУ „Рајко Жинзифов“ во Пинтија, каде во моментов настава следат 250 ученици. Сите тие ќе добијат поквалитетни услови за одвивање на наставниот процес, бидејќи покрај тоа што добиваат нов простор за наставата по физичко образование, добиваат и нови училници. Согласно предвиденото, ослободениот простор во училиштето ќе биде преадаптиран, со што ќе се зголеми комодитетот за следење на наставата и по другите предмети. Затвореното спортско игралиште, пак, кое ќе се протега на 380 квадратни метри, носи големи придобивки бидејќи ќе им овозможи на учениците и на младите од Пинтија, подобри услови и повеќе можности за различни спортски активности и игри, што има позитивно влијание врз нивното физичко здравје и развој. Средствата за започнување со изградбата на објектот, ги обезбедуваме од Буџетот на Општина Кисела Вода, преку Развојна Програма – НАА-основно образование, за период 2023-2024 година-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

ПОУ „Рајко Жинзифов“ во Пинтија е изградено во 1983 година. Работи во две смени со вкупно 12 паралелки.