Џуд Белингем најскап фудбалер на светот

Меѓународниот центар за спортски студии (CIES), со седиште во швајцарски Нојшател, ја објави листата на 100-те најскапи фудбалери предводена од Англичанецот Џуд Белингам.

Проценетата вредност на 20-годишниот англиски репрезентативец и член на Реал Мадрид е 267,5 милиони евра.

Неговиот поранешен соиграч од Борусија Дортмунд и сегашна ѕвезда на Манчестер Сити, Норвежанецот Ерлинг Халанд е втор со проценета вредност на трансферот од 251,2 милиони евра, додека трет е играчот на Реал Мадрид, Бразилецот Винисиус Жуниор кој чини 250,3 милиони евра.

На четвртото место е уште еден играч на Реал Мадрид, Бразилецот Родриго (247,9), а во Топ 5 е младиот англиски и напаѓач на Арсенал, Букајо Сака (223 милиони евра).

Интересно, напаѓачот на ПСЖ и француската репрезентација, Килијан Мбапе не е меѓу 20-те најскапи играчи во светот. Со оглед на тоа дека договорот му истекува за шест месеци, Мбапе е проценет на 106,2 милиони евра и го држи 27-то место.

Споредено со проценките објавени минатиот јуни, бројот на играчи со трансферна вредност од повеќе од 100 милиони евра е речиси двојно зголемен, од 20 на 39. Вредноста на стотиот највисоко оценет играч сега е 71,3 милиони евра, наспроти 53,4 милиони евра во јуни 2023 година.

ТОП 10
267,5 – Џуд Белингем (Реал Мадрид/ Англија)
251,2 – Ерлинг Халанд (Манчестер Сити/ Норвешка)
250,3 – Винисиус Жуниор (Реал Мадрид/ Бразил)
247,9 – Родриго Гоеш (Реал Мадрид / Бразил)
223,0 – Букајо Сака (Арсенал/ Англија)
195,8 – Фил Фоден (Манчестер Сити/ Англија)
175,4 – Пабло Гави (Барселона/ Шпанија)
164,7 – Хулијан Алварез (Манчестер Сити/ Аргентина)
152.4 – Џамал ​​Мусиала (Баерн Минхен/ Германија)
150,6 – Мартин Одегард (Арсенал/ Норвешка)