9.8 C
Skopje
вторник, ноември 26, 2024

УДБА – македонската длабока држава

страшо ангеловски

Според  професорот од Харвард, Џек Голдсмит, во Америка постои еден вид длабока држава која опфаќа бирократи од националната безбедност кои ги користат тајно собраните информации за оформување и спречување на активностите на избраните функционери. Тоа ќе рече, заедница на разузнавачи и агенти кои со податоците од тајните прислушкувања, снимања и сите, за нас обичните смртници, познати и непознати начини на нивно прибирање за огромното мнозинство од политичарите во земјата, функционираат како подземна држава внатре во државата.

Па, поседувајќи информации од интимата на секој од политичарите, ги уценуваат, им се закануваат и ги притискаат да носат политички одлуки според нивните насоки. Во спротивно, во медиумите под нивна контрола, отвораат афери со кои се уништуваат нивните политички кариери. Во таквите медиуми, по потреба, креираат и лажни вести за оние политичари кои се опираат на нивните уцени. Дури, во својата валкана игра за власт се подготвени и за физички ликвидации на оние кои не ги прифаќаат нивните уцени и закани. Така, со подземни методи од длабочината на длабоката држава, ја креираат внатрешната и надворешната политика на државата.

И, доколку ви изгледа некако познато, веќе видено, или дури веќе доживеано, секако дека сте во право. Веќе седумдест и кусур години, ние Македоците, во поранешната СФРЈ, а веќе триесеттина години и во самостојна Република Македонија, го живееме искуството на длабоката држава. Грдото искуство на удбашкото подземно владеење со државата. Пред седумдесеттина години со методи кои на тогашните бирократи од државната безбедност им стоеле на располагање. Антицивлизациски, нечовечки и окрутни, но корисни за нив во остварување на нивните цели. Со подметнувања, измачувања, политички ликвидации и монтирани судски процеси со специјални обвинители и судови, а со омраза кон се што се пројавувало за независна и обединета македонска држава, тогашната југословенска длабока држава, злогласната УДБА, успеала во својата намера. Со подметнати сведоци, со монтирани обвиненија, но и со ѕверски измачувања за да се добие признание, сите оние кои се објавувале за независна и обединета Македониja биле обвинувани за ванчомихајловизам,  бугараштво, а против интересите на Југославија, Советскиот Сојуз и комунизмот како владеачка идеологија. Дури и за соработка со, тогаш од нив омразените, империјалисти од САД и Велика Британија (се сеќаваме на нивната „Америка и Енглеска биќе земља пролетерска“).

Така, длабоката држава на УДБА, успеа да ја урне легитимната власт на Ченто, Шатев, Брашнаров…и да инсталира власт под контрола на тогашната југословенска длабока држава, сојузната УДБА со централа во Белград. Со тоа, го сврте текот на развојот на македонската држава од правец на независност и обединување во правец на потчинетост на „централата“. За жал, тогаш вистинските македонски левичари, членови на тогашната Комунистичка партија не успеале да се спротивстават на длабоката држава и нивната партија била киднапирана и заробена во канџите на антимакедонските сили.

Денес, седумдесеттина години подоцна, повторно сме сведоци на делувањето на длабоката држава. Овојпат, злогласната УДБА, сегментирана во државите кои настанаа по распадот на СФРЈ, но двојно помоќна, со многу посуптилни средства, кои им ги донесе современата технологија, но со истата омраза во себе кон се што се пројавува за успешна и богата суверена и самостојна македонска држава. Држава со зачувана историја, народ и име. Република Македонија, како национална држава на македонскиот народ. Со методите познати и веќе видени. Со прислушкувања, следења и снимања, со закани и уцени, со специјални обвинителства и монтирани судски процеси, чекор по чекор се движи кон зацртаната цел – растурање на државата на македонскиот народ.

Најпрво, беше урната една легална и легитимна власт и на нејзино место, насилно, грубо и противзаконски беше инсталирана власт која е подготвена туѓите интереси да ги стави над интересите на македонскиот народ и македонската држава, но и што е најважно за нив, подготвена да биде контролирана и водена од длабоката држава. Во втората фаза, така инсталираната власт, целосно ги обезличи македонскиот народ и македонската држава, до ниво на непрепознатливост и неодржливост, потпишувајќи ги несреќните договори со Софија и Атина. Во фазата, пак, која следи, со имплементирање на Законот за двојазичност, со што Република Македонија станува единствената унитарна држава со два официјални јазици, државата треба да стане нефункционална со ваквото општествено уредување и треба да се премине кон негово менување. Имено, во фазата што следи, водена од длабоката држава, во договор со марксистите-ленинисти од албанскиот политички блок, ќе се врши редефинирање на општественото уредување, во кантонално или федерално.

И, за да биде иронијата поголема, истите оние, нивните синови и внуци, кои се што беше македонско го обвинуваа за пробугарско, а се што беше слободоумно го обвинуваа за соработка со империјалистите од САД и Британија, денес, секој што се спротивставува на разнебитувањето на државата го обвинуваат за непријателство кон САД  и за соработка со Русија. Смешно и тажно истовремено, но доволно речито за карактерот на удбашката длабока држава, секогаш подготвена да одработува против македеонскиот народ и македонската држава.

И повторно, длабоката држава го реализира своето антимакедонско сценарио, со киднапирање и заробување на македонската левица, овојпат, партијата наследник на Сојузот на Комунистите – СДСМ. Токму затоа, вистинските социјалдемократи се најповикани да го спречат ова зло.

Прво, вистинските социјалдемократи, или вистинските припадници на левата идеологија во државава се должни да му се извинат на својот народ што по втор пат дозволуваат УДБА да им ја киднапира партијата и со нејзе како орудие да работи против државата на македонскиот народ, чиј нераскинлив дел се и тие.

Второ, да се изборат за ослободување на киднапираната и заробена партија и да застанат рамо до рамо со својот народ. Поинаку, токму тие, чесните и чисти, идеолошки, а не кариеристички социјалдемократи, еден ден ќе бидат запишани како најголеми виновници за ова што ни се случува. Бидејќи не собрале сила да се спротивстават на удбашката длабока држава во своите редови.

Зашто, нели, според човекот со членска книшка број 1 во нивната партија – Македонија е се’ што имаме!

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес