УЕФА го укина правилото за гол во гости

Извршниот комитет на УЕФА денеска донесе одлука за укинување на правилото за гол во гости во европските натпреварувања, почнувајќи од претстојната 2021/22 сезона.

Одлуката, како што е соопштено попладнево, ќе се применува во сите натпреварувања во организација на УЕФА во машка, женска и младинска конкуренција, почнувајќи веќе од 1. квалификациско коло во Лигата на шампиони и Конференциската лига.

– Доколку две екипи имаат постигнато идентичен број на голови по вториот одигран натпревар, победникот ќе се одлучува во две продолженија од по 15 минути, а доколку резултатот остане нерешен, победникот ќе се одлучува преку изведување пенали, соопшти УЕФА.

Правилото според кое гол постигнат на гостински терен вреди повеќе од гол постигнат на домашен терен беше на сила во европските национални и клупски натпреварувања од 1965 година.