
Македонската фудбалска репрезентација којашто покажа напредок во последните рунди од штотуку завршените европски квалификации за Светското првенство 2018 година, е селектирана во најслабата група за новото натпреварување на УЕФА – Лига на нациите, коешто ќе се игра од септември до ноември следната година, по мундијалот во Русија, а завршниот турнир ќе го играат четирите најдобри селекции во јуни 2019 година.
Меѓу 12-те најсилни европски национални тимови избрани според коефициентот на УЕФА по завршувањето на европските квалификации за СП 2018, се Германија, Португалија, Белгија, Шпанија, Франција, Англија, Швајцарија, Италија, Полска, Исланд, Холандија и Хрватска. Овие репрезентации ќе бидат разместени во четири групи од по три на жрепката којашто ќе се одржи на 24-ти јануари 2018 година во Лозана.
Натпреварите од Лигата на нациите ќе се играат во шест кола, по две кола во септември, октомври и ноември следната година, а победниците на четирите групи во рамките на Лигата (Групата) А ќе учествуваат во завршниот турнир, полуфинале, средба за третото место и финалето, од 5-ти до 9-ти јуни 2019 година и ќе се борат за првата титула во Лигата на нациите. Четирите последнопалсирани селекции од секоја група ќе се преселат во понискиот – Б ранг од натпреварувањето.
Лигата на нациите на УЕФА е направена за да ги замени „бесмислените“ пријателски натпревари и за да можат репрезентациите коишто имаат слично рангирање да имаат што повеќе натпреварувачки мечеви.
Лигата Б има, исто така, 12 репрезентации, а ја сочинуваат Русија, Австрија, Велс, Словачка, Шведска, Украина, Данска, Република Ирска, Северна Ирска, Босна и Херцеговина, Чешка и Турција. Четворицата победници од секоја група ќе бидат промовирани во Лигата А, а последнопласираните селекции ќе се преселат во Ц рангирањето.
Лигата Ц, во којашто има 15 репрезентации, ја сочинуваат Србија, Унгарија, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Шкотска, Финска, Грција, Кипар, Норвешка,. Израел, Романија, Албанија, Естонија и Литванија. Репрезентациите ќе бидат селектирани во три групи од по четири учесници, а една ќе има три селекции. За Лигата Ц важат истите правила за напредување и назадување, првите четири репрезентации од секоја група ќе се преселат во Лигата Б, а четирите последнопласирани ќе се преселат во Лигата Д.
Во најниската класа од Лигата на нациите, во којашто е Македонија, се 16-те најслабо рангирани репрезентации во Европа. Покрај нашата селекција тука се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Латвија, Фарски Острови, Лускембург, Казахстан, Молдавија, Лихтенштајн, Малта, Сан Марино, Косово, Андора и Гибралтар.
Освен тоа што од календарот на репрезентациите целосно ќе ги истисне подготвителните натпревари, Лигата на нациите на УЕФА ќе влијае и на квалификациите за Европското фудбалско првенство во 2020 година. Тие се на распоредот во пет термини во 2019 година, а 55 европски национални селекции ќе бидат распоредени во десет групи, од кои во пет ќе има по шест, а во другите пет по пет репрезентации. По две квалификациски кола ќе бидат одиграни во март, јуни, септември, октомври и ноември 2019-та, а победниците и второпласираните селекции од секоја група ќе изборат директен пласман за ЕУРО 2020. Со тоа ќе се добијат 20 од 24-те учесници на завршниот турнир.
Преостанатите четири репрезентации ќе се добијат низ редизајнираните дополнителни квалификации во коишто ќе учествуваат 16 селекции, а главниот критериум за учеството во нив ќе биде пласманот во Лигата на нациите. Секоја од четири класи и требало да дадат по една репрезентација за ЕУРО 2020, а местата во дополнителните квалификации се првично резервирани за победниците на групите во секоја од четирите групи според квалитетот и ранкингот. Доколку победниците на групите преку квалификациите се пласирале на завршниот турнир, тогаш во баражот за ЕУРО 2020 ќе оди следната репрезентација според ранкингот во секога од поединечните класи.
За пласман на завршниот турнир на континенталното првенство ќе бидат потребни две победи, бидејќи ќе се игра во еднокружен систем: еден полуфинален натпревар од кој победниците ќе се борат за завршниот турнир. Домаќинот на полуфиналето ќе се одредува според пласманот во групите, а домаќинот на финалето ќе се одреди со ждреб. Овие мечеви се на распоредот во март 2020 година, односно три месеца пред почетокот на Европското првенство.