Европската фудбалска асоцијација УЕФА отвори во петокот дисциплинска постапка против францускиот прволигаш Ница и германскиот бундеслигаш Келн поради судирот меѓу навивачите на двата клуба во кој во четвртокот пред почетокот на натпреварот во рамките на Лига Европа кој заврши без победник 1:1 беа повредени 32 лица.
Најтешките обвинување се однесуваат на францускиот клуб, кој беше домаќин на натпреварот, за кршење на прописите за редот и безбедноста во текот на европските натпреварувања, како што се истрелување проектили, палење чадни бомби и безредија коишто ги предизвикуваат неговите навивачи.
Меѓутоа, Ница ќе мора да одговара и за пропустите во идентификувањето на одговорните лица, персоналот за обезбедување, претресувањето и филтрирањата на гледачите и ограничувањето на нивното движење
Од друга страна, пак, Келн се товари бидејќи неговите навивачи фрлале предмети, палеле чадни бомби и предизвикувале безредија.
Еден час пред почетокот на мечот меѓу Ница и Келн стотици навивачи со качулки во боите на Келн упаднаа на трибините, некои од нив вооружени со столчиња или железни шипки искорнати од стадионот, за да се справат со навивачите на Ница. Мечот сепак беше одигран, но со еден час задоцнување.
Повредени се вкупно 32 лица, меѓу кои и двајца полицајци и еден припадник на обезбедувањето на стадионот. Од повредените четворица навивачи се хоспитализирани, од кои еден навивач кој бил „многу алкохолизиран“ и паднал од височина од пет метри на трибината.