УЕФА покрена дисциплинска постапка против Жозе Мурињо

Дисциплинското тело на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) покрена постапка против тренерот на Рома, Жозе Мурињо, поради критиките кон англискиот судија Ентони Тејлор по финалниот натпревар од Лига Европа во кој неговиот тим беше поразен по изведувањето на пеналите од Севиља во средата во Будимпешта.

Мурињо беше обвинет дека го навредувал и вербално го нападнат судијата, што е само едно од низата обвиненија со кои се соочуваат двата клуба по тензичното финале во кое Тејлор подели 13 жолти картони. Португалскиот стручњак, исто така, го критикуваше судијата во текот на прес-конференција по натпреварот, а видеото кое се појави на социјалните мрежи го покажува Мурињо како гестикулира кон Тејлор и неговите помошници на паркингот на стадионот со извици „срамота“.

Англискиот судија не само што беше нападнат од тренерот на поразената екипа, туку беше нападнат и од навивачи на Рома на аеродромот. На снимката објавена на Twitter се гледа како група навивачи на Рома фрлаат столчиња и чашисо пијалаци кон Тејлор и лицата кои го придружуваат.

За ова прашање се огласи и англиската Премиер лигата.

„Шокирани сме и згрозени од неприфатливото малтретирање кое беше насочено кон Ентони Тејлор и неговото семејство додека се враќаше од финалето на Лига Европа. Никој не треба да трпи неоправдано однесување со кое се соочи. Ентони е еден од нашите најискусни и најквалитетните судии и ние целосно го поддржуваме него и неговото семејство“, соопштија од раководството на Премиер лигата.

Покрај Мурињо, кој исто така доби жолт картон за време на натпреварот, УЕФА покрена постапка и против двата клуба поради фрлање предмети од страна на нивните навивачи, употреба на пиротехнички средства и недолично однесување на членовите на тимот. Рома ќе одговара и за нередите на навивачите и уништување на опремата на стадионот.

Финалниот меч го одбележаа бројни прекини, па во 120-те минути игра имаше дури дополнителни 25 минути. Откако во првите 90 минути резултатот беше 1:1, а во продолженијата немаше голови, изведувачите на Севиља беа попрецизни од оние на Рома во пенал-серијата и победија со 4:1.