Угостителите бараат вистинска помош, Владата ги обвинува за уцени

Над 30 илјади работни места во угостителскиот сектор се под закана поради коронакризата. Угостителите велат принудени се да ги отпуштат вработени бидејќи не се во можност да им исплатат плати и да ги подмират давачките кон државата.

Од Туристичко – угостителската комора вчера изјавија дека на 15 илјади работници веќе им се поделени откази, а во следните денови доколку Владата не испорача мерки и помош кои што ќе им помогнат да го предбордат овој кризен период ќе бидат отпуштени уште 14 илјади лица вработени во хотелите, ресторани и другите угостителски објекти.

Министерот за економија, Крешник Бектеши вели дека не е точно дека угостителите не ги користат владините економски мерки и смета дека најавите за отпуштање на десетици илјади лица преставуваат ширење паник и класична уцена.

„Очекувавме и како Министерство за економија и како Влада од стопанските комори забелешки или укажувања во делот на подобрување на критериумите за добивање на овие субвенции, но треба да се има предвид фактот дека за нас како Министерство за економија многу е важно истите субвенции да одат кај вистинските угостители, односно угостители кои во минатиот период пред да настане оваа криза редовно ги подмириле сите давачки кон државата“, вели министерот Бектеши.

Од ВМРО ДПМНЕ денеска најавија сет мерки кои што ќе бидат предложени до Владата. Од опозициската партија побараат 50 отсто субвенционирање на бруто платата за секој вработен во угостителскиот сектор, ослободување од плаќање кирија за март, април и мај на угостителите кои имаат простор под закуп кај Јавното претпријатие за станбен и деловен простор, а да помогне за половина од киријата за приватни закуподавачи.

„Сите угостителски објекти да бидат целосно ослободени од плаќањето на закупот за летни тераси за целата летна сезона 2020. Ова ќе биде сериозна инјекција за угостителскиот сектор кој користи летни тераси за побрзо да ја надмине оваа криза. Јавните давачки кон државата, тука влегуваат ДДВ, аконтации за ДДВ, данок на добивка и други давачки, да бидат одложени до 10-ти месец 2020 година, односно до октомври месец и потоа да се наплаќаат на рати без затезни камати од страна на државата. Никој нема да биде оштетен ниту фирмите ниту државата, а ќе има сериозна помош за угостителите. Режиските трошоци за угостителските објекти, трошоци за струја, вода и останатите, кои ќе доспеат за месец МАРТ, АПРИЛ и МАЈ, да се одложат за плаќање од 10-ти месец 2020, односно да се плаќаат од месец октомври на рати“, вели Владимир Неловски, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

Од партијата дополнително предлагаат Владата да ги намали критериумите за аплицирање за државна помош, сите документи да може да се обезбедат електронски и трошок на државата.

Сите угостителски објекти, кафулиња, ресторани, дискотеки се затворени веќе еден месец со одлука на Владата како превентивна мерка за спречување на ширење на коронавирусот.