Поради протоколот за работа кој го чекаат веќе една година, угостителите и индустријата за организирање на настани утре повторно излегуваат на протест пред Влада во 15:00 часот.
Извисени, но неуморни, по кој знае кој пат ќе побараат донесување на протоколи за работа на рестораните за организирани настани и враќање во функција на сите комплементарни дејности.
-Продолжуваме во Четврток (11.03.2021), во 15:00 – 17:00 часот пред ВЛАДА. Целта на овој протест е да се донесат протоколи за работа на рестораните за организирани настани. Да се вратат во функција сите комплементарни дејности (музичари, фоторафи, ателјеа за венчаници, студиа за декорации, слаткарници, цвеќари, , шминкери, креатори). Забраната трае, а ние се уште чекаме протокол за работа веќе една година. Протестот ќе биде мирен со почитување на сите здравствени протоколи, велат тие во својата најава.
Како што е веќе познато, претходно неколкупати истакнаа дека мора да се најде начин на функционирање на сите економски субјекти, за да не згаснат илјадници работни места кои во моментов висат на конец.
Властите пак се оградуваат, велат дека Комисијата за заштита од заразни болести го има последниот збор.
-Како што веќе знаете, по последниот одржан протест, бевме повикани на средба во Владата на која присуствуваа вицепремиерот Фатмир Битиќи и директорот на Д.П.И. Стојко Пауновски. Од нас беше побарано да доставиме предлог протокол за наша работа, по кој со свое мислење требаше да се произнесе Владата во координација со Комисијата за заразни болести. Иако протоколот беше навремено доставен, ние се уште немаме добиено никакво мислење, ниту пак сме повикани на конструктивен заеднички дијалог со кој би можело да се реши нашето егзистенционално прашање. Протоколот е оној истиот по кој веќе функционираат сите останати ресторани и кафе барови па дури и поригорозен, истакна Перица Голомеиќ на последниот протест во понеделникот.
Упатија и прашање до надлежните: Зошто ние веќе година дена сме дискриминирани од правото да работиме согласно постоечкиот протокол?
-Сметаме дека, Комисијата за заразни болести треба да донесе издржан здравствен протокол за нашата дејност, а надлежните државни институции заедно со нас ќе се погрижат истиот да се спроведе во пракса. Бараме Комисијата за заразни болести да престане да биде дисциплинска во своето делување и да ја интересира само здравствениот аспект поради тоа што ние веќе година дена сме дискриминирани со нивнииот категоричен став во однос на нашата дејност и не работиме и поради тоа сме на раб на егзистенција, а бројките на заболени растат. Ние ли сме виновни за тоа?, праша Голомеиќ и додаде:
„Надлежните треба да ги интересира почитувањето на здравствените протоколи во пракса и воопшто е небитно дали гостите се случајно дојдени во ресторанот или некој ги поканил на организиран настан.
Да повториме уште еднаш. Свесни сме за епидемиолошката состојба во моментов и затоа во прва фаза не бараме да ни биде дозволено да правиме традиционална свадба со прием, подиум, оро итн. Бараме да можеме да правиме свечен ручек/вечера согласно постоечките протоколи. За тоа е потребно да се промени членот 12 од последниот протокол за отварање и работа на угостителските објекти објавен во службен весник на 14.07.2020 со кој е забрането организирање на секаков вид на прослави. Доколку во најбрз можен рок не отпочнеме со работа, ни се заканува целосен пад на нашата индустрија. Тоа ќе се одрази со губење на работни места, стечајни постапки, извршители, а ќе се одрази и на сите наши соработници и доверители“.