
Управата за јавни приходи го подготви системот за пресметка и уплата на придонесите на приходите од договори на дело, авторски договори и други договори согласно со измените на Законот за придонеси.
Клиентскиот софтвер, насоките за изготвување пресметки и калкулаторот согласно измените на Законот за придонеси се објавени на веб страницата на УЈП, пренесува МИА.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, се утврдуваат категориите на обврзниците кои од 1 јануари 2015 година имаат обврска за плаќање на Придонес за пензиско и инвалидско осигурување (ППИО) и Придонес за здравствено осигурување (ПЗО) за приходи од извршување физичка и/или интелектуална работа врз основа на договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој е определен надоместок за извршената работа.
За секоја категорија на обврзници се регулира настанувањето на обврската за плаќање на придонеси, основицата за пресметка на придонесите и кој е обврзник за поднесување на пресметката и за уплата на придонесите
Обврската за плаќање на ППИО и ПЗО се однесува за примените (исплатените) надоместоци по договори почнувајќи од 1 јануари 2015 година, без оглед на тоа кога е склучен договорот и/или кога е извршена физичката и/или интелектуална работа врз основа на договор.