УКИМ ќе ги презентира студиските програми на факултетите преку онлајн платформа

Во пресрет на првиот рок од пријавувањето за упис на студенти во прва година, односно 31 август и 1 септември, Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје денеска и утре организира „Отворен ден на УКИМ“ за да ги претстави студиските програми на факултетите, активностите на студентите, центрите за кариера.

Настанот ќе се одржи онлајн преку платформата Мајкрософт тимс по распоред на термините за секој од факултетите каде што ќе има видеоконференциски сесии.

-Запознајте ги одблиску професорите и студентите, прашајте сѐ што ве интересира за студиските програми, можностите за стипендирање, слушнете ги искуствата на студентите, нивните активности и вклученост во научноистражувачките проекти, дознајте за можностите за меѓународна размена, за студентскиот живот, за практиканството, за кариерните можности…. Студирајте на Универзитетот со најдолга традиција во нашата земја – наведува УКИМ во поканата за Отворениот ден.

По тој повод, ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски во порака до матурантите како идни најмлади членови на академската заедница на УКИМ, истакнува дека отворениот ден е одлична можност да се уверат во одликите на УКИМ што, како што вели, го прават најдобар универзитет во нашата држава и еден од врвните во регионот.

-Вашиот избор, вашата одлука да студирате на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се вистински и правилни, бидејќи дипломите стекнати на УКИМ се препознатливи и на меѓународниот пазар на трудот. Освен тоа, студентите на УКИМ се централен субјект и рамноправен партнер во одлучувањето за сите значајни прашања од дејноста на Универзитетот преку учеството во органите на факултетите и на Универзитетот. Бидете наш партнер, а истовремено и наш коректив – истакнува Јанкуловски во пораката до матурантите.