Укинат карантинот за влез од Македонија и Грција во Албанија

Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата попладнево ја укина одлуката за задолжителен двонеделен карантин за сите лица кои од Македонија и од Грција влегуваат во Албаниј.

„Освен укинувањето на задолжителниот карантин за лицата кои влегуваа во нашата земја од Македонија и од Грција, што беше воведен на 20 април, комитетот врз основа на барањето на Министерството за образование, млади и спорт дозволува отворање на универзитетите, но само за консултации и сезоната за испити, но со строга примена на протоколите и мерките за заштита“, изјави министерката за здравство и член на комитетот, Огерта Манастирлиу.

Според неа, сите други ограничувачки мерки остануваат во сила, како што е и забраната за групирање на повеќе од десет лица, како и полицискиот час кој и понатаму ќе трае од 22 до 6 часот.

Задржувајќи се на процесот на имунизација против Covid-19, Манастирлиу рече дека до сега во земјата се пристигнати 748.400 дози вакцини од „AstraZeneca“, „Pfizer/BioNTech“, „Sunopharm“ и „Спутник V“.

Со вакцинација се опфатени 537,000 лица, при што над 100.000 ги примиле и двете дози. Посочи дека во последните седум дена вакцина примиле околу 100.000 лица и нагласи дека со несмалена динамика процесот продолжува и натаму.