Укината пресудата од 8 години затвор за Мијалков за „Трезор“, предметот се враќа назад во Кривичен

Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда за случајот „Трезор“, во кој еден од осудените беше поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Со ова предметот се врати на повторно постапување и одлучување пред Основниот кривичен суд Скопје.

– Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-100/21, во јавноста познат како „Трезор“, по одржана јавна седница, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите С.М. од С., Г.Г. од С., Н.С. од С. и Т.Ј. од С., изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, се наведува во денешното соопштение од Апелациониот суд.

При разгледување на пресуда, како што се додава во соопштението, Апелациониот суд Скопје констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка, со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.

Предметот „Трезор“ го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, ексшефот на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски беа обвинети дека предизвикале штета на буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на опрема за потребите на УБК. Според судот, обвинетите се договориле да купат опрема за потребите на МВР од британската компанија „Гама интернешнл“, а како посредник била искористена фирмата „Финзи“.

Обвинетите не само што набавиле поскапа опрема преку фирма посредник, туку се тврдеше дека подоцна склучиле и два анекси со што е наплатена значителна разлика во цената од 26 милиони денари, што претставува заработка за „Финзи“, а дополнително склучиле и договор за обука за користење на опремата остварувајќи корист од 21 милион денари.