Апелацискиот суд во Скопје ја укина пресудата против судијата во Основен Суд Скопје 1, Владимир Панчевски за наводен мобинг против советникот на Зоран Заев и го врати на повторно одлучување, информираше судијата Панчевски.
Советникот на премиерот, Горан Стаменковски, кој воедно е раководител на човечки ресурси во Основниот суд во Скопје 1 го тужеше Панчевски за мобинг, а првостепениот суд во септември лани донесе пресуда во корист на Стаменковски.
Со оглед на тоа што бомбастично и медиумски беше покриена неправосилната пресуда на судијката Хилда Мешкова за наводен мобинг врз советникот Стаменковски, во прилог Ви е испратено решението на второстепениот суд верувајќи во Вашиот професионализам како медиуми на ист и идентичен начин бомбастично да објавите и да ја известите јавноста дека предметот се враќа на повторно одлучување, со оглед на тоа што наводниот мобинг Ви претставуваше јавен интерес, и беше во фокусот на јавноста, па оттука произлегува и вашата должност до крај објективно да известите и дека решението во кое стои дека мобингот не е докажан како предмет на јавен интерес јавно да го објавите, пишуваа судијата Панчевски во соопштението до медиумите.