Поранешните директори на болницата во Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми, повторно ќе седнат на обвинителна клупа за случајот со опожарувањето на модуларната болница за време на пандемијата, на 8 септември 2021 година, при што 14 лица ги загубија животите. Апелациониот суд во Гостивар делумно ја поништи првостепената пресуда и предметот ќе оди на повторно судење. Од друга страна, Апелација ја потврди ослободителната пресуда за лекарот Бобан Вучевски, кој беше дежурен во критичната ноќ.
„Треба вистинските виновници да се казнат. Конечно да излезе вистината и поради тоа јас од самиот почеток соработував со сите истражни органи. Јас како што изјавив претходно и на судењето, не се чувствувам виновен. Многу од доказите кои ги имаше, не ги зедоа предвид. Се согласувам и процесот да започне одново само за да се докаже вистината, иако тој период додека траеше првото судење беше многу тежок за мене и за моето семејство“ вели Артан Етеми, еден од обвинетите во случајот Модуларна болница Тетово.
Одлуката на Апелација следи откако до неа пристигнале жалби од Основното јавно обвинителство Тетово, од обвинетите, но и од оштетените, преку нивните правни застапници.
Обвнителството побарало поостра кривична санкција за обвинетите, додека ослободителните пресуди да се укинат и предметот во тој дел се врати на повторно одлучување пред првостепениот суд.
Одлуката на Апелациониот суд Гостивар е образложена на 21 страница, при што меѓу другото се вели дека констатацијата на првостепениот суд е воопштена и нејасна, односно отсуството на образложени причини за решителни факти, ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите.
Инаку со пресудата на Основниот суд Тетово, донесена на 5-ти јуни минатата година, за пожарот во модуларната болница во кој починаа 14 лица, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше изречена условна казна од 18 месеци и парична казна на правното лице за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, затоа што не поставиле противпожарни апарати, додека докторот Бобан Вучевски и правното лице беа ослободени од обвинение, за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.